Фабриката за заварени цевки и профили ФЗЦ 11 Октомври А.Д. од Куманово со гордост го носи името на денот кога започна новата историја на Македонскиот Народ. Основана е во далечната 1952 година, а првите скромни резултати од пробно производство ги бележи во 1956 година, за да наредната 1957 година започне со редовно производство, кое непрекинато трае до денес.
Почетниот производен програм го сочинуваше широк асортиман на разновидни производи, каде што покрај заварени челични цевки се произведуваа и лимени конструкции, производи за домаќинство, угостителство и т.н. Mеѓутoa, набргу од 1958 година Фабриката ја согледа потребата за специјализирано производство, кое од тогаш е насочено кон високосериско автоматизирано производство на заварени челични цевки и профили од скоро сите видови и димензии. Ориентацијата кон високосериско производство беше мотивирана од големата побарувачка на пазарот и визионерство на Фабриката, што се покажа како оправдано во изминатиот период на непрекината полувековна работа и постигнати резултати.