Топло преформирани шупливи профили со квадратен и правоаголен попречен пресек, произведени од ладно формирани и високофреквентно електроотпорно заварени (HFW) челични цевки со кружен попречен пресек од средна големина, заземаат значајно место во производниот програм на ФЗЦ 11Октомври А.Д.
За разлика од ладно формираните шупливи профили, каде што секогаш е присутна состојба на троаксиален внатрешен напон како последица од ојакнување во процесот на ладно формирање, топло преформираните шупливи профили се одликуваат со хомогенизирано нормализирана структура и високи механички својства.
Максимално искористување на механичките карактеристики на материјалите, од нелегирани квалитетни и финозрнести нелегирани и микролегирани челици, односно примена на пресметки во конструкции кои се темелат на нивната крајна цврстина, допринесе осетно зголемена побарувачка за овие производи со повисоки квалитети и проширување на нивниот асортиман. Овој тренд посебно е забележителен на Европскиот Пазар , каде што секоја од обединетите членки успеа преку своите национални стандарди да наметне технички услови и асортиман, со што конструкторите добија поширок избор.
Топло преформирани шупливи профили наоѓаат многу широка примена во најодговорни конструкции изложени на високи динамички оптеретувања и ниски температури: во градежништвото како челични конструкции за високи градби , кровни конструкции, мостови, хали, спортски објекти, во бродоградба, машиноградба, транспорт и сообраќајни сретства и др.