Надолжно електрично заварување под заштита на прашок (SAW) во ФЗЦ 11 Октомври А.Д. се користи како стандарден заварувачки процес при производство на цевки со голем дијаметар. Овие челични цевки примарно се користат во магистрални цевководи за транспорт на нафта и гас, како и за транспорт на вода за пиење, отпадни води и други течни флуиди.
Исто така наоѓаат широка примена како елементи за челични конструкции, машиноградба и др.
Надолжниот заварувачки процес (LSAW) со додатен материјал во вид на челична жица, со дефиниран дијаметар и квалитет во зависност од основниот материјал, под заштита на соодветен прашок, изведен од внатрешна и надворешна страна, дава поголема сигурност во однос на спиралниот (HSAW), поради значително помала должина на завар. Ова е особено значајно за транспорт на гас со високи работни притисоци, каде се бара зголемено ниво на контрола на квалитет и минимален ризик.
Производниот процес се состои од повеќе поврзани целини:
- Хемиска обработка на топловалан лим-декапирање и протектирање.
- Отсечување на надолжни природни рабови на топловалан лим.
- Ладно формирање-свиткување во цевка.
- Надолжно и попречно автоматско електролачно заварување под заштита на прашок (SAW) во два премина, еден од внатрешна еден од надворешна страна на цевките.
- Калибрирање на краеви на цевките,
- Обработка на краеви за монтажен завар.
- Ултразвучна контрола по целата должина на надолжен завар.
- Хидростатско испитување.
- Завршна ултразвучна контрола по целата должина на надолжен и попречен завар.
- Радиографско испитување на заварен спој на краеви од цевка и спој на попречен и надолжен завар.
- Маркирање.